Претходна статија
Камен темелник за нов објект на Министерството за земјоделство
Следна статија
Камен темелник за ТИРЗ Тетово

Почна реконструкцијата на улица Благоја Стефковски

Објавено на 22.06.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Градоначалниците на Град Скопје и на Општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, денеска го означија стартот на градежните работи за реконструкција на улицата Благоја Стефковски во населбата Маџари. Град Скопје под чија надлежност е улицата за овој проект ќе потроши околу 26 милиони денари. Ќе се реконструираат 800 метри на сегментот од булеварот Александар Македонски до улицата Методија Андонов Ченто. Постојниот коловоз ќе се отстрани и ќе се постави нова коловозна конструкција со тампонски слој и нов асфалт со дебелина од 15 сантиметри. Исто така ќе се постави атмосферска канализација со профил од 800 милиметри во должина од 562 метри и ќе се обноват тротоарите кои што ќе се поплочат со бехатон плочки. Работите ги изведува фирмата „Бауер БГ“. Додека траат градежните активности сегментот ќе биде целосно затворен за сообраќај, а Трајановски најави завршница на проектот до септември, како би се искористил периодот на намален сообраќај за време на летниот период. Тој апелираше до граѓаните во меѓувреме да бидат трпеливи. Градоначалникот исто така изрази спремност да се разгледа можноста за реализација на кусиот сегмент кој недостасува за поврзување на улиците Методија Андонов Ченто и XV Корпус со премин под железничките пруги. Со тоа би се добила многу значајна сообраќајна врска која е предвидена со Генералниот урбанистички план.